Авион на колумбиските воздухопловни сили се урна набргу по полетувањето на југот на земјата, при што загинаа најмалку 66 луѓе, а десетици се повредени, потврдија властите. Шефот на воената авијација Карлос Фернандо Силва Руеда кажа дека во авионот имало 115 војници, 11 членови на екипажот и двајца полицајци.
Транспортниот авион „херкулес Ц-130“, кој е од американско производство, паднал близу градот Пуерто Легуисамо. Причината за несреќата се истражува.
„Авионот доживеал трагична несреќа додека полетувал од Пуерто Легуисамо, превезувајќи војници од нашите безбедносни сили“, изјави министерот за одбрана Педро Санчес.
Тој додаде дека досега нема знаци што укажуваат дека авионот бил нападнат од бунтовнички групи што дејствуваат во оваа област.
Извори од војската кажаа дека меѓу починатите се 58 војници, а уште четворица се водат како исчезнати. Ерих Саумет, колумбиски експерт за авијација и воен аналитичар, изјави дека авионот што се урна бил дониран од САД во 2020 година.



