Најмалку четворица луѓе загинаа, а повеќе од 20 се повредени откако се урна двокатна зграда на шпанскиот остров Мајорка. Се стравува дека неколкумина луѓе се заглавени во ресторанот покрај плажа „Медуза“ во регионалниот главен град Палма де Мајорка.
Подот на објектот се урна синоќа околу 20:30 часот, што предизвика луѓето да паднат во подрумскиот простор, каде што исто така имало вработени и посетители. Еден пожарникар ја опиша ситуацијата како кошмарна.
„Кога нашиот тим пристигна, луѓето плачеа и врескаа стоејќи меѓу урнатините“, кажа тој.
Шефот на пожарникарите на Палма де Мајорка, Едер Гарсија, изјави дека најголем дел од погодените во несреќата се странци и туристи.
Палма де Мајорка е популарно туристичко одредиште, а туристичката сезона почнува во мај.