Руски дрон погоди автобус кој превезувал работници во украинскиот град Марганец, при што загинаа најмалку девет луѓе. Властите кажаа дека Русија лансирала дронови кон цивилната инфраструктура во јужна, источна и централна Украина.
Нападите уследија откако Владимир Путин и Володимир Зеленски најавија дека се спремни директно да разговараат за целосен прекин на нападите врз цивилни цели.
„Русите нападнаа автобус полн со работници на една фирма кои оделе на работа во Марганец. Притоа загинаа деветмина луѓе, а најмалку 30 се ранети“, изјави Серхиј Лисак, гувернерот на централниот регион Днипро, на кој му припаѓа Марганец.
Најмалку шестмина луѓе се повредени во руски напад со дронови врз Полтава, во кој се оштетени неколку цивилни објекти, објавија итните служби на Телеграм. Напади се регистрирани и во Киев, Одеса и Харкив.
Нападите се случија во пресрет на денешната нова рунда разговори за Украина, чиј домаќин ќе биде Лондон, при што ќе учествуваат дипломати од Велика Британија, Франција, Германија, Украина и САД, Средбата се одржува среде шпекулации дека Русија е спремна да ја прекине инвазијата на сегашните линии на фронтот во замена за одредени отстапки.