Најмалку осум луѓе загинаа во пожарот во една станбена зграда во југозападниот дел на Париз и полицијата објави дека бројката би можела да биде и поголема. Речиси 30 се повредени, вклучувајќи и шестмина пожарникари.
Пожарот бил ставен под контрола во утринските часови, но полицијата додаде дека сѐ уште не се пребарани повисоките делови на осумкатната зграда.
Засега не е познато што е причината за пожарот во побогатиот 16. арондисман и парискиот обвинител Реми Хајц изјави дека една жена е приведена, бидејќи постојат сомнежи дека намерно го предизвикала.
Пожарот со голема брзина зафатил два ката од зградата стара 40-ина години, при што пожарникарите со скали помогнале да се евакуираат 30-ина станари.
„Тоа беше многу насилен пожар. Кога дојдовме, се соочивме со апокалиптична ситуација. Многу луѓе беа на прозорците и бараа помош“, изјави портпаролот на пожарникарите.