Најмалку седум луѓе загинаа во судирот на два брзи воза на една од железничките станици во Анкара, а повеќе од 40 се повредени.
Локалните медиуми објавија дека возот што патувал од Анкара за Конја се судрил со друг воз, по што удрил во пешачки надвозник. Несреќата се случи во снежни услови на станицата Марсандиз, што се наоѓа осум километри од централната станица во главниот град на Турција.
Снимките од местото на трагедијата покажуваат спасувачки екипи како извлекуваат луѓе од тешко уништени вагони.
„Почнавме техничка истрага за да утврдиме што се случило, но се чини дека еден од возовите налетал на машина која ги проверувала шините на станицата“, изјави локалниот гувернер Васип Шаин.
Не е познато со која брзина се движеле возовите при несреќата, во која се урнал дел од надвозникот.