НАЈМОЌНИОТ ИРАНСКИ ГЕНЕРАЛ УБИЕН ВО АМЕРИКАНСКИ ВОЗДУШЕН НАПАД ВО БАГДАД

    НАЈМОЌНИОТ ИРАНСКИ ГЕНЕРАЛ УБИЕН ВО АМЕРИКАНСКИ ВОЗДУШЕН НАПАД ВО БАГДАДСолејмани беше командир на елитните ирански единици Кудс (Фото: АП)

    Најмоќниот ирански воен командир, генералот Касем Солејмани, е убиен во американски воздушен напад во Ирак. Шеесет и двегодишниот Солејмани ги предводеше иранските воени операции на Блиски Исток како командир на елитните ирански единици Кудс.

    Тој е убиен на аеродромот во Багдад, заедно со уште неколкумина припадници на иранската милиција, во нападот со дрон што лично го наредил американскиот претседател Доналд Трамп, што претставува голема ескалација во односите помеѓу Техеран и Вашингтон.

    Нападот се случи на аеродромот во Багдад (Фото: АП)

    Иранскиот врховен водач Ајатолах Али Хаменеи се закани дека „криминалците кои стојат зад нападот ги чека сериозна одмазда“ и прогласи три дена национална жалост.

    Солејмани важеше за втор најмоќен човек во Иран, зад Али Хаменеи, на кого единиците Кудс, елитен оддел на Иранската револуционерна гарда, директно му одговараа. За САД, тој беше терорист, одговорен за смртта на стотици Американци.

    Набргу по веста за убиството на Солејмани, Трамп на Твитер објави само американско знаме.

    „Солејмани активно разработуваше планови за напади на американски дипломати и други Американци во Ирак и во регионот. Нападот беше превентивен за да се спречи тоа“, објави Пентагон.

    Солејмани и неговите луѓе заминувале од аеродромот со два автомобила кога биле погодени со неколку проектили. Најмалку пет луѓе се убиени, меѓу кои и лидерот на иранските милиции Абу Мади ал-Муандис.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира