Жената која вчера го изврши вооружениот напад во седиштето на Јутјуб во Калифорнија, наводно, била гневна што компанијата ги менувала нејзините видео-материјали, јавуваат американски медиуми.
Полицијата ја идентификуваше осомничената како 39-годишната Насим Агдам и додаде дека се истражуваат нејзините мотиви.
Според медиумите, Агдам била лута што Јутјуб ги филтрирал видеата што таа ги постирала, со што ѝ се намалувала можната заработка.
Три лица беа повредени со огнено оружје во нападот, по што Агдам се самоубила.
Полицијата на Сан Бруно соопшти дека нема докази дека напаѓачката ги познавала повредените, од кои 36-годишен маж е во критична состојба.
Полицијата објави малку податоци за Агдам, која живеела во Сан Диего, но медиумите открија дека таа водела сајт и неколку канали на Јутјуб, на коишто постирала видеа со различни содржини, најчесто против злоставување животни. Каналите сега се згаснати.
Агдам е опишана како веганка, бодибилдерка, уметница и раперка. Таа првпат јавно се пожалила на Јутјуб во јануари 2017 година, кога кажала дека видеата ѝ се филтрираат, како резултат на што имала помалку посети.
Нејзиниот татко Исмаил кажа дека Насим била лута затоа што Јутјуб престанал да ѝ плаќа за видеата.