Возачот на камионот кој уби 84 луѓе во нападот во францускиот град Ница е Тунизиецот со француско државјанство Мухамед Лауаеж-Булел (31). Околу 202 луѓе се повредени, 52 се во критична состојба, од кои 25 се на апарати за одржување во живот. Десет од жртвите се деца.
Јавниот обвинител Франсоа Молин рече дека Булел возел 19-тонски камион 2 километри вдолж Променад дес Англе и пукал врз полицијата пред да го убијат. Другото оружје што е најдено во камионот се реплики или лажно оружје. Молин рече дека ниедна група не ја презела одговорноста за нападот, кој ги има сите знаци на џихадистички тероризам. За нападот молчи и Исламска држава.
Напаѓачот Булел, шофер и разнесувач, имал три деца но бил разделен од сопругата, која денеска е ставена во притвор. Тој бил познат како ситен криминалец, но бил „сосем непознат за разузнавачките служби… и никогаш не покажал знаци за радикализација“, изјави јавниот обвинител.
Сепак, францускиот премиер и министерот за внатрешни работи кусо едноподруго излегоа со спротивни изјави за тоа дали Булел бил поврзан со радикалните исламистички кругови. Премиерот Мануел Влас рече дека напаѓачот од Ница „на еден или друг начин бил поврзан со радикалните исламистички кругови“.
Министерот за внатрешни Бернар Казнев изјави: „Имаме индивидуа која не им е позната на разузанавачките служби за активности поврзани со радикален ислам“. На прашањето дали може да потврди дека мотивите на напаѓачот се поврзани со џихадизам, тој рече: „Не“.
Претседателот Франсоа Оланд во Ница изјави дека нападот е „неодречиво од терористичка природа.“ Тој рече дека борбата против тероризмот ќе биде долга, зашто Франција се соочува со „непријател кој ќе продолжи да ги напаѓа оние луѓе и земји кои ја сметаат слободата за суштествена вредност“.
Булел ѝ бил познат на полицијата и правниот систем поради закани, насилство и ситни кражби во перодото од 2010-2016. На 24 март годинава бил осуден условно на 6-месеци затвор за насилство со оружје – дрвена палета која ја употребил против друг возач во сообраќајка. Запленетиот дигитален материјал се истражува, како и мобилката најдена во камионот.
Татко му на Булел Монтир, кој живее во Мсакен, Тунис, изјави: „Тој земаше терапија, лекови имислевме дека му е добро – еве медицински сертификат. Го однесов на психолог, ја земаше терапијата, ама понекогаш имаше нервни сломови и ќе кршеше и ќе демолираше сѐ околу него. Имаше проблем со нервите и кога ќе се изнервираше кршеше сѐ. Имаше проблеми со сопругата и мислам дека тоа придонесе за неговите проблеми со менталното здравје“.
Мсаке, градот во Тунис каде што Булел израснал, е во шок.
За време на нападот на променатата во Ница имало околу 30.000 луѓе кои го славеле 14 јули, Денот на француската република. Еден очевидец вели дека речиси една минута го гледал напаѓачот лице в лице: „Беше многу нервозен, бараше нешто околу него, а јас му викав и му мавтав да застане… тој зеде пушка и почна да пука врз полицијата“, вели тој и додава дека потоа трчал кон плажата заедно со другите луѓе оти му било страв дека возачот , кој потоа бил убиен од полицијата, ќе го детонира камионот.
Синот на 60-годишната фатима Чарихи, жителка на Ница од Мароко, рече дека таа била прва што загинала. Тој рече дека таа го практикувала исламот на вистински начин. „Вистинскиот ислам, не верзијата на терористите“, рече тој.
Роднина на жената на напаѓачот вели дека Булел не бил религиозен, пиел алкохол, јадел свинско месо и се дрогирал. „Тој не беше муслиман, туку ѓубре од човек. Никогаш не се молеше ниту одеше во џамија. Ја тепаше жена му со која има три деца и беше во процес на разведување“, вели тој.
„Поради синоќешнот напад, чувме уште повече сугестии дека сите муслимани во Америка треба да се цел, да се на тест поради нивната вера, а некои да се депортираат или затворат, изјави америкаснкито претседател Барак Обама. Тој се посврна на сугестијата на екссенаторот Њут Гингрич дека сите муслимани треба да се тестираат за да се види дали веруваат во шеријатскиот закон, а тие што дверуваат треба да се депортираат. Обама рче дека „самата сугестија е непрфатлива и во спротивност со сѐ во што ние како Американци веруваме“.
Вонредната состојба која е на сила уште од нападите во Париз лани во ноември кога загинаа 130 луѓе беше продолжена за 3 месеци. Министрите за надворешни работи на ЕУ в понеделник во Брисел ќе расправаат за борбата против тероризмот, на барање на Франција. Ова е четврти напад за помалку од две години во Франција во кој некој со возило се втурнува во пешаци, но другите не беа со ваков обем.