По два откажани обида, НАСА денеска успешно ја лансираше својата најмоќна ракета досега, која треба да биде основа на идните американски мисии на Месечината.
Наречена „Спејс лаунч систем“ (СЛС), посадата на ракетата ја сочинуваат три кукли. Ако сè помине во ред за време на тринеделниот лет, ракетата ќе ја придвижи тест-капсулата „орион“ во широка орбита околу Месечината, а потоа капсулата ќе се врати на Земјата и ќе падне во Пацификот во декември.
Полетувањето на СЛС следува два и пол месеци откако првите два обида беа откажани поради истекување на горивото, а потоа ураганот Ијан придонесе за дополнителни одложувања.
Висока 98 метри, СЛС е најмоќното и најсложено летало досега изградено од НАСА, со поголем притисок од спејс шатловите или од моќната ракета „сатурн“, која ги однесе луѓето на Месечината. Досега ја чинеше НАСА најмалку 37 милијарди долари.
СЛС ќе биде основа на проектот „Артемис“, кој има за цел да ги врати луѓето на површината на Месечината по повеќе од 50 години пауза. Новите мисии на Месечината треба да почнат најрано во 2025.