Бенјамин Нетанјаху кажа дека Израел ќе ги напаѓа сите позиции и мети на иранскиот режим, ден откако беше лансирана операцијата „Исправен лав“, чија главна цел е да се спречи Иран да развие атомска бомба.
„Му нанесовме тежок удар на главниот ирански локалитет за збогатување ураниум и ако биде потребно, повторно ќе го нападнеме. Има голема закана и од балистички проектили и затоа презедовме акција за уништување на иранските капацитети за нивно производство“, кажа Нетанјаху.
Израелската војска, меѓу другото, нападна три ирански нуклеарни постројки и уби 20-ина високи воени заповедници. Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, изјави дека надземниот дел од постројката за збогатување гориво во Натанз, каде што Иран произведувал ураниум збогатен до 60%, е уништен.
Иран возврати така што синоќа лансираше стотина балистички проектили кон Израел, а нападите продолжија и утрово. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан предупреди дека Иран ќе одговори уште посериозно ако Израел продолжи со нападите.
„Нашата цел е да спречиме двојна закана од Иран, нуклеарни и балистички проектили. Не можеме да им дозволиме да произведат 20.000 проектили. Го трасиравме патот до Техеран. Во многу блиска иднина ќе ги видите израелските авиони над Техеран“, кажа Нетанјаху.