НАТО денеска го повика Косово да ги намали тензиите со Србија, еден ден откако косовската влада насилно пристапи до општинските згради за да постави градоначалници Албанци во областите со етнички Срби на северот од земјата. Поради тоа вчера имаше судири меѓу косовската полиција и демонстрантите кои се противат на градоначалниците, а Србија ја стави армија во целосна борбена готовност и ги придвижи единиците поблиску до границата.
„Ги повикуваме институциите во Косово веднаш да ја деескалираат состојбата и ги повикуваме сите страни да ја решат ситуацијата преку дијалог“, рече Оана Лунгеску, портпаролка на НАТО, во објава на Твитер. Таа рече дека КФОР, мировната мисија на НАТО во Косово од 3.800 војници, ќе набљудува со внимание.
Работите денеска сè уште беа тензични во северниот дел од земјата каде тешко вооружени полициски сили со оклопни возила ги обезбедуваат општинските згради. Косовскиот премиер Албин Курти ги бранеше вчерашните полициски дејствија при придружувањето на новите градоначалници.
„Право на оние кои се избрани на демократски избори е да ја преземат функцијата без закани или заплашувања. Исто така, право на граѓаните е тие избрани функционери да им служат“, напиша денеска Курти на Твитер.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен вчера ја критикуваше владата на Курти за нејзините дејствија на север, велејќи дека тие „непотребно ги ескалираа тензиите, ги поткопуваат нашите напори да помогнеме во нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и ќе има последици за нашите билатерални односи со Косово”.