Воените капацитети на НАТО се јасно супериорни во однос на оние на Русија, изјави за германскиот магазин „Дер шпигел“ американскиот генерал Алексус Гринкевич, врховен сојузнички командант на НАТО за Европа. Во интервјуто објавено денеска, Гринкевич рече дека воените капацитети што Алијансата би ги распоредила во случај на голем конфликт „далеку ги надминуваат оние на Москва“. Тој истакна дека Русија не поседува модерни борбени авиони „ф-35“, ниту пак голем број модерни разурнувачи или подморници, какви што има НАТО.
Генералот изрази уверување дека Русија нема да започне конвенционален напад од големи размери врз Европа. Според него, рускиот претседател Владимир Путин прибегнува кон други методи, како што е саботажата, бидејќи нема други опции, додавајќи дека Путин не сака директен конфликт. Ова се должи на конвенционалното одвраќање, рече тој, нагласувајќи дека тоа мора да се одржува, паралелно со модернизацијата на вооружените сили во рамките на НАТО, спроведувањето опсежни обуки и демонстрирањето на капацитетите.
На прашањето дали е соодветно дејствијата на Русија да се наречат „војна во сенка“, генералот со четири ѕвезди за „Шпигел“ изјави дека терминот „хибридни напади“ е премногу нејасен.
„Мораме работите да ги нарекуваме со нивното вистинско име: саботажа, подметнување пожари или терористички напади се прецизни термини, кои подразбираат јасни одговори“, рече тој.
Прашан дали Европа е веќе во војна со Русија, Гринкевич одговори дека Путин игра „опасна игра“.
„Тој сака да ги убеди нашите граѓани дека е опасно да се поддржува Украина и дека тоа би можело да доведе до војна со Русија. За среќа, досега таа стратегија не дава резултати“, заклучи американскиот генерал.



