НАТО ЈА УДВОИ ДОЛЖИНАТА НА ГРАНИЦАТА СО РУСИЈА ОТКАКО ФИНСКА И ОФИЦИЈАЛНО СТАНА 31. ЧЛЕНКА

    НАТО ЈА УДВОИ ДОЛЖИНАТА НА ГРАНИЦАТА СО РУСИЈА ОТКАКО ФИНСКА И ОФИЦИЈАЛНО СТАНА 31. ЧЛЕНКАФинскиот министер за надворешни работи Пека Хависто го потпиша пристапниот документ и му го предаде на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен (Фото: НАТО)

    НАТО значително ја прошири својата граница со Русија откако и официјално ја прими Финска во своите редови како 31. членка. Финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто денеска го потпиша пристапниот документ и му го предаде на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, по што ќе следува кревањето на знамето на Финска пред седиштето на НАТО во Брисел, со што се заокружува процесот на пристапување кој траеше помалку од една година.

    Клаузулата ‘еден за сите, сите за еден‘ од денеска се применува и на Финска. Целта со која Путин ја почна инвазијата на Украина беше да има помалку НАТО, но го доби спротивното“, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг.

    И Шведска минатиот мај побара прием во НАТО, но нејзината апликација и натаму е блокирана од Турција.

    Финска, како и Шведска, одлучи да се откаже од повеќедецениската воена неутралност набргу откако Русија ја нападна Украина. Ова е голем политички и стратешки удар за Владимир Путин, кој пред да ја почне инвазијата постојано се жалеше на ширењето на западната воена алијанса. Должината на руската граница со членките на НАТО сега се удвојува, бидејќи Финска и Русија делат граница од 1.340 километри.

    НАТО сега има седум членки со излез на Балтичко Море, со што дополнително се изолира крајбрежниот пристап на Русија до Санкт Петербург и малата енклава Калининград.

    Русија предупреди дека ќе ја зајакне својата одбрана долж границата со НАТО ако алијансата распореди дополнителни трупи и опрема во Финска.

    Влезот на Финска во НАТО е уште едно влошување на ситуацијата. Проширувањето на алијансата значи нарушување на безбедноста на Русија. Во исто време, целата оваа ситуација суштински се разликува од проблемот со Украина затоа што Финска никогаш не била антируска“, кажа портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира