НАТО планира да го зајакне своето партнерство со Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Кореја на самитот во Вашингтон следниот месец, при што генералниот секретар Јенс Столтенберг ги обвини Кина, Северна Кореја и Иран дека ја поддржуваат руската агресија на Украина.
НАТО е загрижено за можната поддршка на Русија за ракетната и нуклеарната програма на Северна Кореја, откако Владимир Путин ја посети оваа земја по пауза од 24 години. Во пресрет на доаѓањето, Путин вети дека ќе ги продлабочи трговските и безбедносните врски со Северна Кореја.
САД ја обвинија Северна Кореја дека досега испратила десетици балистички проектили и над 11.000 контејнери со муниција во Русија како помош за војната во Украина.
Столтенберг кажа дека Кина, Северна Кореја и Иран сакаат да видат пропаст на западната воена алијанса.
„Кинеската поддршка за руската воена економија покажува како безбедносните предизвици во Европа се поврзани со Азија. Затоа на следниот самит на НАТО дополнително ќе ги зајакнеме врските со Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Кореја. Во еден момент ќе мора да има последици за Кина. Таа не може да одржува нормални трговски врски со Европа и во исто време да ја подгрева најголемата војна во Европа од Втората светска војна, снабдувајќи ја руската индустрија со машински алати и микрочипови“, рече Столтенберг.
Портпаролот за националната безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека Вашингтон многу будно ги следи руско-севернокорејските односи и дека би можело да има некаков реципроцитет на корејскиот полуостров.