НАТО СЕ ОГРАДУВА ОД ИЗЈАВАТА НА МАКРОН, ВЕЛИ ДЕКА НЕМА ПЛАНОВИ ЗА ИСПРАЌАЊЕ БОРБЕНИ ТРУПИ ВО УКРАИНА

    НАТО СЕ ОГРАДУВА ОД ИЗЈАВАТА НА МАКРОН, ВЕЛИ ДЕКА НЕМА ПЛАНОВИ ЗА ИСПРАЌАЊЕ БОРБЕНИ ТРУПИ ВО УКРАИНАПо вчерашната средба во Париз, Макрон кажа дека не треба да се исклучи можноста за испраќање западни трупи во Украина (Фото: АП)

    Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека западната воена алијанса не планира да праќа борбени единици во Украина, реагирајќи на изјавата на Емануел Макрон дека такво нешто не треба да се исклучи.

    „Членките на НАТО ѝ даваат досега невидена поддршка на Украина. Тоа го правиме од 2014 и го засиливме по почетокот на целосната инвазија. Но, нема планови за испраќање борбени трупи на НАТО во Украина“, кажа Столтенберг.

    Во пресрет на вчерашната средба во Париз, на која што повеќе од 20 европски држави разговараа за тоа како да се зголеми поддршката за Украина, словачкиот премиер Роберт Фико кажа дека неколку членки на НАТО и ЕУ размислуваат да испратат свои војници во Украина на билатерална основа. На ова се надоврза Макрон со изјавата дека ваквата можност не би требала да се исклучи, иако засега не постои консензус по ова прашање. Од изјавата на Макрон веднаш се оградија Шведска, Полска, Словачка и Чешка, а и Германија, Велика Британија и Унгарија ја отфрлија можноста за испраќање војници во Украина.

    Кремљ кажа дека конфликт помеѓу НАТО и Русија би бил неизбежен ако европските членки на алијансата испратат трупи во Украина.

    „Самиот факт дека се разговара за вакво нешто е важен нов елемент. Ако членките на НАТО испратат борбени трупи во Украина, тогаш веќе нема да збориме за можност, туку за неизбежност на директен судир“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира