Алексеј Навални ќе биде погребан в петок во Москва, потврди неговата портпаролка Кира Јармиш. Погребот ќе се одржи на гробиштата Борисовскоје точно две недели откако тој ненадејно почина во еден од најстрогите затвори во Русија.
Досега се објавени малку детали за смртта на Навални, чие тело ѝ беше предадено на мајка му дури по осум дена. Со години, тој беше најгласниот и најхрабар критичар на Владимир Путин и Кремљ, а беше во затвор од јануари 2020, кога се врати во Русија по лекувањето во Германија.
„Не знаеме дали погребот ќе биде мирен или полицијата ќе ги апси оние кои ќе дојдат да се збогуваат со Алексеј“, изјави Јармиш, додавајќи дека едвај пронашле фирма која ќе го спроведе погребот.
„Некои кажаа дека се целосно зафатени, а други дека одбиваат да работат со нас“, рече таа.
Веста за деталите за погребот излезе во моментов кога вдовицата на Навални требаше да се обрати во Европскиот парламент. Јулија Навалнаја кажа дека неговата смрт е доказ дека не може да се преговара со Путин.
„Навални беше мачен и изгладнуван, а потоа го убија. Смртта на мојот сопруг ѝ покажа на јавноста дека Путин е способен за сѐ. Алексеј ги инспирираше луѓето и покрај сите ограничувања што му беа наметнати од Путин. Дури и кога беше во гулагот на Путин, Алексеј успеваше да ги шири своите идеи, од кои Кремљ го фаќаше паника“, кажа Навалнаја.
Таа порача дека за да се победи Путин, мора да се биде иноватор.
„Путин не може да се повреди со санкции и резолуции или врз база на морал и правила. За да го поразите, мора да престанете да бидете досадни. Путин мора да одговара за она што им го направи на Русија, Украина и на мојот сопруг“, рече Навалнаја.