Руските доктори кои го лекуваат најголемиот критичар на Путин, Алексеј Навални, го променија мислењето и дозволија тој да биде префрлен во Германија. Тие претходно кажаа дека 44-годишниот Навални е во премногу лоша состојба за да може да патува.
Навални од вчера е во кома и приклучен на респиратор во болницата во сибирскиот град Омск и неговите приврзаници веруваат дека бил отруен, обвинувајќи ги властите дека се обидуваат да го прикријат тоа.
Германски медицински авион уште утрово слета во Омск и се очекува да полета за Берлин во наредните часови.
„Состојбата на пациентот е стабилна“, изјави заменик директорот на болницата во Омск, Анатоли Калиниченко.
Тој претходно кажа дека не се пронајдени докази дека Навални е отруен и дека неговата состојба можеби се должи на метаболично пореметување.