Рускиот опозиционер Алексеј Навални се разбуди од кома и неговата состојба се подобрува, објавија лекарите од берлинската болница каде што тој беше префрлен на лекување откако беше отруен.
„Тој реагира на вербални стимулации“, кажаа лекарите.
На 44-годишниот критичар на Путин му се слоши додека леташе од сибирскиот град Томск во Москва и потоа падна во кома и неговите приврзаници веднаш се посомневаа дека тој бил отруен. Ова беше потврдено од германските лекари, кои утврдија дека станува збор за советскиот нервен отров новичок.
„Навални веќе не е приклучен на респиратор, но и натаму е рано да се каже какви ќе бидат долготрајните последици на ова сериозно труење“, изјавија од болницата „Чарите“.
Германската канцеларка Ангела Меркел се наоѓа под силен притисок да заземе поцврст став за овој инцидент и од владата кажаа дека „има сериозни прашања на кои Русија треба да одговори“. Кремљ ги отфрли обвинувањата за вмешаноста во труењето на Навални.