Доналд Трамп кажа дека не се шегува околу можноста да служи трет претседателски мандат, навестувајќи дека бара начини за кршење на уставната бариера и за продолжување на водење на земјата и по истекот на вториот мандат во 2029.
„Има методи како може да се постигне тоа. Сепак, засега не сакам да зборам за тоа, зашто има уште многу време“, кажа Трамп во интервјуто за „Ен-Би-Си њуз“ и додаде:
„Многу луѓе ме прашаа за мој трет мандат, што, всушност, би ми бил четврти, бидејќи изборите во 2020 беа целосно наместени“.
Тој изгуби од Џо Бајден на тие избори, но продолжува да тврди дека биле наместени и дури се обиде да ги поништи резултатите.
Дваесет и вториот амандман додаден во американскиот устав во 1951, откако Френклин Рузвелт беше избран четирипати по ред, вели дека никој не може да има повеќе од два претседателски мандата. Според овој амандман, Трамп не би можел да биде ни потпретседател во иднина.
Трамп ќе има 82 години кога ќе му истече вториот мандат. Запрашан дали и на таа возраст би сакал да ја врши „најтешката работа на светот“, тој одговори:
„Знаете, јас сакам да работам“.