НЕ СЕ ЗНАЕ СУДБИНАТА НА АМЕРИКАНСКИОТ ВОЈНИК КОЈ ВЧЕРА ПРЕМИНА ВО СЕВЕРНА КОРЕЈА, САД ВЕЛАТ ДЕКА НАМЕРНО ГО НАПРАВИЛ ТОА

    НЕ СЕ ЗНАЕ СУДБИНАТА НА АМЕРИКАНСКИОТ ВОЈНИК КОЈ ВЧЕРА ПРЕМИНА ВО СЕВЕРНА КОРЕЈА, САД ВЕЛАТ ДЕКА НАМЕРНО ГО НАПРАВИЛ ТОАТревис Кинг се придружил на цивилна обиколка на Демилитаризираната зона кога ја преминал границата (Фото: АП)

    Американската војска се обидува да ја дознае судбината на војникот кој вчера без овластување преминал од Јужна Кореја во Северна Кореја, што се случува во периодот кога односите помеѓу Вашингтон и Пјонгјанг се многу тензични. САД го идентификуваа војникот како 23-годишниот Тревис Кинг, кој бил на обиколка на границата меѓу двете Кореи кога „самоволно и без дозвола“ преминал во Северна Кореја.

    „Веруваме дека е во притвор во Северна Кореја и затоа будно ја следиме и истражуваме ситуацијата“, изјави министерот за одбрана на САД, Лојд Остин.

    Севернокорејските медиуми не известија ништо за инцидентот, ниту пак имаше реакција од севернокорејската мисија во Обединетите нации.

    Кинг служел во американската војска од 2021 и се соочувал со дисциплинска постапка откако бил приведен во Јужна Кореја за физички напад. Тој требало да биде спроведен во САД, но место да се качи во авион, избегал од аеродромот во Инчеон и се упатил кон границата, каде што се придружил на цивилна обиколка на Демилитаризираната зона. Еден очевидец изјави дека Кинг гласно се смеел додека бегал преку границата.

    Нејасно е колку долго Северна Кореја би можела да го држи војникот, но аналитичарите сметаат дека таа би можела да го искористи инцидентот за пропагандни цели. САД категорички им советуваат на своите граѓани да не патуваат во Северна Кореја.

    Инцидентот се случи среде одново засилените тензии на корејскиот полуостров, каде што пристигна американска подморница вооружена со балистички проектили. Како одговор на тоа, Северна Кореја утрово тестираше два балистички проектила, кои летале над 550 километри пред да паднат во морето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира