Повеќе од 300 медиуми во САД почнаа здружена кампања, која има за цел да одговори на постојаните напади од Доналд Трамп и да ја брани слободата на известувањето.
Идејата потекна од весникот „Бостон глоуб“ минатата недела, кога повика на национална осуда на претседателската валкана војна против медиумите, користејќи го хаштагот EnemyOfNone.
Трамп често го исмева медиумското информирање како лажни вести, а новинарите ги нарекува непријатели на народот. Реагираа дури и Обединетите нации, сметајќи дека тоа го зголемува ризикот од насилни напади врз новинари.
„Бостон глоуб“ најави дека денеска ќе објави уреднички коментар за опасностите од нападите на администрацијата врз медиумите и побара од останатите да го направат истото. Првичниот позитивен одговор од сто медиумски куќи порасна на 343, што вклучува и големи национални весници и мали локални медиуми, по што се приклучија и меѓународни изданија, како британскиот весник „Гардијан“.
„Слободното новинарство е суштината на американската демократија повеќе од 200 години“, напиша „Бостон глоуб“, додека „Њујорк тајмс“ ги опиша нападите на Трамп како опасност за демократијата.
Трамп особено ги засили нападите врз медиумите во последните недели и на митингот во Пенсилванија покажа со прст кон новинарите и ги обвини дека објавуваат „лажни, лажни, одвратни вести“.