Трите летечки предмети што американската војска ги собори над Северна Америка во изминатите денови можеби не се шпионски балони, како оној што беше соборен пред речиси две недели, изјави Џон Кирби од Советот за национална безбедност на Белата куќа. Тој истовремено кажа дека нема докази дека станува збор за вонземска активност.
„Леталата беа беспилотни и без контрола, со што претставуваа ризик за цивилниот авиосообраќај. Не е исклучено дека со нив се набљудувале воени локации, па претседателот Бајден од претпазливост издаде наредба да бидат соборени“, кажа Кирби.
Остатоците од леталото што денеска беше соборено лежат на голема длабочина во езерото Харон, а на тешко пристапен терен се и предметите кои претходно беа соборени над Аласка и канадската провинција Јукон.
„Важно е да се направи разлика помеѓу соборениот кинески балон и трите предмети уништени во изминатите три дена. Владата многу добро знаеше што прави балонот, каде одеше и колку е голем. Тој беше контролиран и маневриран, додека останатите три предмети немаа погонски систем и се движеа многу непредвидливо на ветерот. Не знаеме што се тие, се наоѓаме на неистражена територија“, кажа Кирби.
Тој негираше дека американски набљудувачки балони летале над Кина, која денеска за тоа ги обвини САД.
„Кина има програма за набљудувачки балони поврзана со војската. Администрацијата на Доналд Трамп не ја откри, но оваа влада успеа“, кажа Кирби.