Неексплодирана бомба од Втората светска војна, пронајдена во близина на големата производствена фабрика на „Тесла“ во Грунхајде, источно од Берлин, денеска била активирана во контролирана експлозија, изјави локалната полиција. Кордонот околу локацијата беше отстранет, а жителите и работниците во бизнисите во областа сега може да се вратат, рече полицијата.
Бомбата тешка 250 килограми првпат беше пријавена од Службата за отстранување на убојни средства во средата. Отстранувањето беше исклучено како небезбедно, а беше донесена одлука да се активира.
Неколку комерцијални области во близина беа евакуирани, меѓу кои и делови од фабриката „Тесла“. Портпаролката на компанијата рече дека фанриката не работи за викенд.
Инцидентот не влијаеше на протестниот камп против „Тесла“ во истата шума каде што беше пронајдена бомбата. Демонстрантите поставија камп со куќички на дрвја и шатори во обид да го блокираат проширувањето на фабриката.