Силни ветрови, дожд и снег затворија училишта и оставија илјадници луѓе без струја во делови од Словенија, Хрватска и БиХ.
Властите издадоа предупредување за лоши временски услови во десетици општини во Словенија, со ветрови од околу 140 километри на час. Голем број патишта се блокирани од паднати дрвја, а повеќе од 15.000 луѓе се без струја.
Во Хрватска, силни ветрови предизвикаа хаос во Загреб, уривајќи дрвја и оштетувајќи трамваи, автомобили и покриви од згради. Властите кажаа дека основните и средните училишта нема да работат денеска поради лошото време. Ветровите на моменти достигнувале брзина од 120 километри на час.
„Вакви долготрајни и силни ветрови не се карактеристични за Загреб“, изјави метеорологот Петра Микуш-Јурковиќ.
Градоначалникот Томислав Томашевиќ кажа дека пожарникарите имале над 300 интервенции и дека неколку лица се повредени, од кои едно потешко.
Училишта се затворени и во северозападниот дел на БиХ, каде што снегот предизвика и проблеми во електроснабдувањето.



