НЕМА ДА БИДЕ БЕЗБЕДНО НИЕДНО ПРИСТАНИШТЕ ВО РЕГИОНОТ АКО САД ГИ БЛОКИРААТ ИРАНСКИТЕ, РЕЧЕ ИРАН

    НЕМА ДА БИДЕ БЕЗБЕДНО НИЕДНО ПРИСТАНИШТЕ ВО РЕГИОНОТ АКО САД ГИ БЛОКИРААТ ИРАНСКИТЕ, РЕЧЕ ИРАНИран веднаш одговори со закани кон сите пристаништа во Персискиот Залив и Оманскиот Залив; - Сателитска снимка на Ормускиот Теснец. (Фото: НАСА)

    Неколку земји реагираат на заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за блокада на иранските пристаништа. Американската војска соопшти дека денеска ќе започне блокада на целиот поморски сообраќај што влегува и излегува од иранските пристаништа и крајбрежните области, откако разговорите за време на викендот не успеаја да постигнат договор за прекин на војната со Иран, со што се загрози кревкото двонеделно примирје.

    Иран веднаш одговори со закани кон сите пристаништа во Персискиот Залив и Оманскиот Залив.

    „Безбедноста во Персискиот Залив и Оманското Море е или за сите или за НИКОГО“, објави денеска радиодифузијата на Исламската Република Иран. „НИЕДНО ПРИСТАНИШТЕ во регионот нема да биде безбедно“, според соопштението на иранската војска и Револуционерната гарда.

    Иранските вооружени сили велат дека „воведувањето ограничувања на движењето на бродовите во меѓународните води од страна на САД е нелегален чин и претставува пиратство“.

    Цените на суровата нафта скокнаа за повеќе од 7% и достигнаа 100 долари за барел во тргувањето утринава во Азија, додека доларот скокна, а фјучерсите на американските акции паднаа по објавувањето на блокадата.

    Шпанската министерка за одбрана, Маргарита Роблес, употреби еден од најсилните зборови досега, велејќи дека предлогот „нема смисла“. Кина повикува на смиреност и воздржаност, додавајќи дека одржувањето на Ормускиот Теснец отворен е во заеднички интерес на меѓународната заедница.

    АСЕАН – група од 11 земји од Југоисточна Азија, од кои многу се потпираат на Блискиот Исток за енергија – повика на „целосно и ефикасно спроведување на прекинот на огнот… обезбедување на поморска безбедност и слобода на пловидба и прелет“.

    Во меѓувреме, францускиот премиер Емануел Макрон вели дека Франција и Велика Британија ќе организираат конференција „со цел враќање на слободата на пловидба во теснецот“ во „наредните денови“.

    Британскиот премиер Кир Стармер рече дека Велика Британија „не поддржува блокада“. Стармер изјави дека каков и да е притисокот, Велика Британија нема да биде вовлечена во војната против Иран и нема да поддржи блокада на Ормускиот Теснец.

    „Според мене, од витално значење е да го отвориме теснецот и целосно да биде отворен, и таму ги вложивме сите наши напори во последните неколку години и ќе продолжиме да го правиме тоа“, рече Стармер.

    Ормускиот Tеснец е витален превозен пат, при што околу 20% од светската нафта и течен природен гас минуваат низ него. Кина е најголемиот поединечен примател на сурова нафта од теснецот, земајќи 31% од транспортираната нафта. Индија е следна, примајќи 14%. Вкупно, 86% од целата нафта што минува низ теснецот се испорачува во земјите во Азија. Но секое нарушување на овој пат може да влијае на цените низ целиот свет.

    Централната команда на САД соопшти дека блокадата, почнувајќи денеска од 15 часот по средноевропско време, ќе биде „спроведена непристрасно против бродови од сите земји што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа и крајбрежните области, вклучувајќи ги сите ирански пристаништа во Арапскиот Залив и Оманскиот Залив“.

    Бродовите што транзитираат низ Ормускиот Теснец до и од неиранските пристаништа нема да бидат попречени, соопшти американската војска. Дополнителни информации ќе им бидат доставени на комерцијалните бродови преку официјално известување пред почетокот на блокадата, соопшти американската војска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира