Доналд Трамп кажа дека нема да ги уништи компаниите на Илон Маск така што ќе им ги одземе федералните субвенции, туку сака тие да напредуваат.
„Сите сметаат дека ќе ги уништам компаниите на Илон Маск со одземање на субвенциите што ги прима од американската влада. Тоа нема да се случи. Сакам Илон и неговите бизниси во земјава да напредуваат“, кажа Трамп.
Американскиот претседател имаше жестоки јавни кавги со Маск откако тој го критикуваше неговиот закон за буџетот. Маск потроши 250 милиони долари за да му помогне на Трамп да победи на изборите и потоа го водеше Одделот за владина ефикасност. Тој се повлече од владата во мај со цел да се фокусира на своите фирми, по што се скара со Трамп.
Во јуни, „Ројтерс“ објави дека Белата куќа им наложила на министерството за одбрана и НАСА да соберат детали за договорите со „СпејсЕкс“ вредни милијарди долари, со цел да се подготви можна одмазда против Маск и неговите компании. И покрај тоа, „СпејсЕкс“ останува фаворит да го гради најавениот ракетен штит „Златна купола“, што ќе чини најмалку 175 милијарди долари.