НЕМА НАЗНАКИ ДЕКА ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“ ПРЕДИЗВИКУВА ТРОМБОЗА, ОБЈАВИ ЕВРОПСКАТА АГЕНЦИЈА ЗА ЛЕКОВИ

    НЕМА НАЗНАКИ ДЕКА ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“ ПРЕДИЗВИКУВА ТРОМБОЗА, ОБЈАВИ ЕВРОПСКАТА АГЕНЦИЈА ЗА ЛЕКОВИЕвропските регулатори велат дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците (Фото: ЕПА)

    Европската агенција за лекови (ЕМА) објави дека нема назнаки дека вакцината против ковид-19 на Оксфорд и „АстраЗенека“ предизвикува згрутчување на крвта, што беше повод повеќе од десет европски држави привремено да престанат да ја користат.

    Шефицата на ЕМА, Емир Кук, кажа дека остануваат убедени дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците. Светската здравствена организација вчера исто така им препорача на државите да продолжат да ја користат вакцината.

    „АстраЗенека“ претходно кажа дека анализирала податоци од 17 милиони дадени дози во Европа, при што се пронајдени 37 случаи на тромбоза.

    „Бројот на случаи на тромбоза кај луѓето кои ја примиле вакцината не е повисок од оној во општата популација. Знаеме дека згрутчување на крвта се јавува кај илјадници луѓе во ЕУ, па сакаме да утврдиме дали овие настани се предизвикани од вакцините или од други причини. Додека истрагата трае, сакаме да ја изразиме нашата убеденост дека придобивките од вакцината во спречувањето на ковид-19 на големо ги надминуваат ризиците“, изјави Кук.

    ЕМА ќе ги објави резултатите од својата истрага в четврток, а денеска и Шведска и Летонија објавија дека ќе престанат да ја користат вакцината, што вчера го направија и Германија, Франција и Италија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира