Нема планови Владимир Путин и Доналд Трамп да се сретнат во блиска иднина, изјави функционер од Белата куќа.
Минатата недела, Трамп објави дека ќе се сретне со рускиот претседател во следните две недели и Будимпешта веќе беше потврдена како место на средбата. На ова требаше да му претходи подготвителна средба на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио, планирана за овој четврток во Будимпешта, но таа била откажана откако двајцата имале „продуктивен“ телефонски разговор, кажаа од Белата куќа.
Оттаму не споделија повеќе детали зошто разговорите биле откажани.
Клучните разлики помеѓу американските предлози и руските предуслови за мир станаа сè појасни оваа недела и се чини дека ги уништија шансите за самит на двајцата претседатели. Трамп го договараше самитот во Будимпешта преку телефон со Путин, еден ден пред средбата со Володимир Зеленски во Белата куќа.
Трамп потоа повика војната во Украина да се замрзне на сегашната линија на фронтот, што Русија не го прифаќа. И европските сојузници на Украина денеска кажаа дека сегашната линија на фронтот треба да биде почетна точка за какви било преговори.
„Москва е заинтересирана само за долгорочен, одржлив мир. Треба да се решат суштинските причини на конфликтот“, повтори Лавров.
Трамп и Путин се сретнаа на Алјаска во август, но овој самит не даде конкретни резултати.
„Одлуката на Белата куќа да ги одложи плановите за втор состанок можеби е обид да се избегне уште едно слично сценарио. Претпоставувам дека Русите сакаа премногу и за Американците стана очигледно дека нема да има договор за Трамп во Будимпешта“, изјави за „Ројтерс“ висок европски дипломат.
Зеленски смета дека Русија по секоја цена сака да ја избегне дипломатијата.
„Единствената тема што може да ја натера Москва да обрне внимание е снабдувањето на Украина со оружје со долг дострел“, додаде Зеленски.