Светската здравствена организација (СЗО) алармираше дека непозната болест во Демократска Република Конго се шири главно меѓу децата и ги става во ризик сериозно неухранетите лица. СЗО испрати експерти во регионот за да го истражат ширењето на болеста. СЗО соопшти дека меѓу 24 октомври и 5 декември биле регистрирани 406 случаи на недијагностицирана болест, од кои 31 биле смртни случаи.
Симптомите на болеста, чија причина не е утврдена, се треска, главоболка, кашлица, течење на носот и болки во телото. Се шири во здравствената зона Панци во југозападната провинција Кванго во Конго.
Сите тешки случаи се пријавени како сериозно неухранети, а најголемиот дел од пријавените случаи биле деца, особено оние на возраст под пет години, соопшти СЗО.
„Областа е рурална и оддалечена, а пристапот дополнително е отежнат од тековната сезона на дождови“, додаде здравствената агенција на ОН.
Овие предизвици, заедно со ограничената дијагностика во регионот, го одложија идентификувањето на основната причина. Во соопштението се вели дека маларијата е честа појава во областа и може да придонесе за случаите. Експертите велат дека е можно повеќе од една болест да придонесува за случаите на болни лица.