НИ СЕ ЗАКАНИЈА СО ПРЕКИН НА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ АКО НЕ ГО ПРИФАТИМЕ ПЛАНОТ ЗА КОСОВО, КАЖА ВУЧИЌ

    НИ СЕ ЗАКАНИЈА СО ПРЕКИН НА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ АКО НЕ ГО ПРИФАТИМЕ ПЛАНОТ ЗА КОСОВО, КАЖА ВУЧИЌВучиќ вели дека Србија досега ништо не потпишала (Фото: Танјуг)

    Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави вечерва дека Србија би можела да се соочи со сериозни политички и економски последици доколку не го прифати планот за Косово, што беше предложен од Вашингтон и Брисел. Тој откри дека една од последиците е прекин на евроинтеграциите.

    Дојде западната петорка и веднаш ни соопшти дека мора да го прифатиме планот, во спротивно ќе се соочиме со последиците. Тоа подразбира прекин на евроинтеграциите, запирање и повлекување на инвестициите и други мерки кои би ѝ нанеле штета на Србија во политичка и економска смисла. Тоа ми беше повторено трипати за време на разговорите и секој пат силно реагирав“, кажа Вучиќ во обраќањето до нацијата.

    Тој додаде дека планот првпат го видел пред 60 дена и дека во неговото креирање Србија не учествувала, ниту била консултирана. Го прифатиле сите членки на ЕУ, дури и оние пет кои не ја признале независноста на Косово.

    Замрзнувањето на конфликтот е најлошата опција и затоа мора да се бараат компромисни решенија. Мислам дека тоа не е можно со режимот на Курти, но мораме да најдеме решение зашто ни треба мир со Албанците“, кажа тој.

    Вучиќ, кој во петокот се сретна со претставниците на ЕУ, САД, Франција, Германија и Италија, вели дека Србија досега ништо не потпишала.

    Ништо нема да се случи денеска, утре или за еден месец. Но, кога ќе бидеме соочени со конечните барања, за тоа ќе се изјаснат и парламентот и народот. Србија мора да учествува во дијалогот и да го продолжи својот европски пат“, кажа Вучиќ, додавајќи дека не може да го спречи влегувањето на Косово во НАТО и Советот на Европа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира