НИЕ СМЕ СПРЕМНИ, НО УКРАИНА НЕ САКА ДА СКЛУЧИ МИРОВЕН ДОГОВОР, КАЖА ПУТИН НА ГОДИШНАТА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

    НИЕ СМЕ СПРЕМНИ, НО УКРАИНА НЕ САКА ДА СКЛУЧИ МИРОВЕН ДОГОВОР, КАЖА ПУТИН НА ГОДИШНАТА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈАПутин седеше под мапа на Русија која вклучи и делови на Украина (Фото: АП)

    Владимир Путин изјави дека руските услови за завршување на војната во Украина остануваат исти како оние што ги изложи во јуни 2024, не нудејќи никакви знаци на компромис, додека САД продолжуваат со напорите за склучување прекин на огнот. Тој го повтори добро познатиот став на Кремљ на почетокот на својата традиционална годишна прес-конференција, која вообичаено трае со часови и на која прашања може да поставува и јавноста.

    Не гледам спремност кај Украина да склучи мировен договор, иако има одредени сигнали дека сака да разговара. Отсекогаш сме го велеле ова: ние сме подготвени да го завршиме овој конфликт мирно, врз основа на принципите што ги изложив минатиот јуни и со решавање на основните причини што доведоа до оваа криза“, порача Путин.

    Тој алудираше на свој говор од пред 18 месеци, кога побара од Украина целосно да се повлече од Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје и да се откаже од амбицијата за членство во НАТО.

    Осврнувајќи се на моменталната ситуација на фронтот, Путин кажа дека руските сили напредуваат насекаде, а Украинците се повлекуваат.

    Русија сега контролира 20% од Украина и напредувањето ќе продолжи. Само во октомври руските сили зазедоа речиси 5.000 квадратни километри. Повеќе од 700.000 руски војници сега се борат во Украина“, кажа Путин, седејќи под мапа на Русија која вклучи и делови на Украина.

    За обидот на Европската Унија да ја финансира Украина со замрзнатите руски средства, Путин кажа дека е класичен грабеж.

    Зошто не може да се изврши овој грабеж? Бидејќи последиците за крадците би можеле да бидат многу лоши. Ова не е само удар за нивниот имиџ. Тоа е поткопување на довербата во еврозоната, зашто многу земји, не само Русија, ги чуваат своите резерви на злато и девизи во еврозоната. Откако ова ќе започне, може да се повтори под разни изговори“, рече Путин.

    Зборувајќи и за руската економија, Путин кажа дека инфлацијата на крајот на годината ќе биде под 6%.

    Намалувањето на економскиот раст од 4,3% во 2024 на 1% оваа година беше резултат на свесните активности на централната банка за да се намали стапката на инфлација. Русија успеа да го избалансира својот буџет, што ќе ѝ овозможи да ги финансира потребите на вооружените сили“, изјави Путин, кој добил над 2,4 милиони прашања пред почетокот на интервјуто.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира