НИЕДНА ЧЛЕНКА НЕ МОЖЕ ДА ГО ОДБИЕ ПЛАНОТ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА БУЏЕТОТ ЗА ОДБРАНА, КАЖА РУТЕ ПРЕД САМИТОТ НА НАТО

    НИЕДНА ЧЛЕНКА НЕ МОЖЕ ДА ГО ОДБИЕ ПЛАНОТ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА БУЏЕТОТ ЗА ОДБРАНА, КАЖА РУТЕ ПРЕД САМИТОТ НА НАТОРуте призна дека за некои членки достигнувањето на целта од 5% ќе биде долг пат (Фото: АП)

    Шефот на НАТО, Марк Руте, предупреди дека ниедна членка не може да го одбие планираното масовно зголемување на трошоците за одбрана и дека напредокот што ќе го постигнат кон новата цел ќе биде разгледан за четири години. На дводневниот самит во Хаг се очекува членките на НАТО да го одобрат планот за зголемување на буџетот за одбрана на 5% од нивниот бруто домашен производ. На самитот ќе присуствува и Доналд Трамп.

    „Во НАТО нема можност да не се учествува, НАТО не склучува споредни договори. Од клучно значење е секој сојузник да го носи својот фер дел од товарот“, рече Руте, додавајќи дека Трамп и САД се целосно посветени кон НАТО.

    Сепак, Шпанија кажа дека постигнала договор со НАТО да биде исклучена од новиот план за трошење, додека Трамп изјави дека тој не треба да се однесува на САД, туку само на сојузниците. Објавувајќи ја одлуката на Шпанија во неделата, премиерот Педро Санчес кажа дека ветувањето за трошењето нема да се однесува на сите членки. Имајќи предвид дека и други членки на НАТО ќе имаат проблем да издвојуваат дополнителни милијарди долари за одбраната, Руте призна дека „за некои, достигнувањето на целта од 5% ќе биде долг пат“.

    Трамп пред неколку дена изјави дека САД долги години го носеле товарот на НАТО и сега е време сојузниците да истапат.

    „Мислам дека ние не би требало, туку останатите. НАТО ќе мора да се справи со Шпанија“, рече Трамп и додаде дека и Канада малку плаќа.

    Целта од 5% се состои од два дела. Државите треба да се согласат да ги зголемат трошоците за одбрана на 3,5% од БДП, место сегашните 2%, што досега го постигнале само 22 од 32-те членки. Парите потрошени за вооружување на Украина исто така би се земале предвид. Дополнителните 1,5% би се однесувале на надградба на патишта, мостови, пристаништа и аеродроми за подобро распоредување на армиите, воспоставување мерки за борба против кибернетички и хибридни напади и подготовка на општествата за идни конфликти.

    Вториот дел е лесен за повеќето земји, вклучително и Шпанија, но 3,5% за основните трошоци се огромен предизвик. Минатата година, Шпанија потрошила 1,28% од БДП за својот воен буџет, најмалку во НАТО. Санчес рече дека Шпанија би можела да го зголеми трошењето на 2,1%.

    Шпанија е исто така меѓу најмалите европски добавувачи на оружје и муниција за Украина, според Институтот Кил. Се проценува дека од почетокот на руската инвазија, таа испратила воена помош во вредност од околу 800.000 евра.

    Постојат солидни причини за зголемување на трошоците. Европејците веруваат дека војната на Русија против Украина претставува егзистенцијална закана за нив. Плановите на алијансата за одбрана на Европа и Северна Америка од руски напад бараат инвестиции од најмалку 3%, велат експертите на НАТО.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира