Жртвата на масовното силување Жизел Пелико изјави дека никогаш не зажалила за својата одлука да излезе во јавност откако нејзиниот бивш сопруг Доминик беше осуден на 20 години затвор, што стави точка на случајот што ги шокираше Франција и целата светска јавност.
Доминик Пелико беше прогласен за виновен за тешко силување на крајот на неколкумесечното судење во Авињон, а уште 50 мажи кои ја силувале и злоставувале Жизел добија затворски казни од три до 15 години.
„Чувствувам длабоки емоции што сум тука, судењето беше тешко патешествие. Цело време мислев на моите три деца и моите внуци, затоа што тие се иднината. Токму поради нив тргнав во оваа битка. Кога ги отворив вратите на ова судење на 2 септември, сакав да му овозможам на општеството да биде дел од дебатата. Никогаш не зажалив за таа одлука“, кажа Пелико пред судот во Авињон.
Таа стана меѓународна феминистичка икона и симбол на борбата против сексуално насилство зашто не сакаше да го крие својот идентитет и одби судењето да се одвива зад затворени врати. Се согласи да бидат прикажани и видеоснимки од злоставувањата, што Доминик ги снимал додека била онесвестена. Полицијата открила 92 случаи на силување извршени од 72 мажи, од кои 51 бил идентификуван. Тие се на возраст од 26 до 74 години и меѓу нив има болничар, новинар, затворски чувар, војник, возач на камион и земјоделец.
Пелико претходно ги призна обвиненијата, а најголем дел од останатите обвинети го признаа само злоставувањето на Жизел Пелико, но не и силување, тврдејќи дека мислеле оти учествуваат во фантазиите на двојката.