НОБЕЛОВАТА НАГРАДА ЗА МИР НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРЕНЕСУВА ИЛИ ОДЗЕМА, ВЕЛАТ ОД НОРВЕШКИОТ ИНСТИТУТ ПО НАЈАВИТЕ НА МАЧАДО ДЕКА ЌЕ МУ ЈА ДАДЕ НА ТРАМП

    НОБЕЛОВАТА НАГРАДА ЗА МИР НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРЕНЕСУВА ИЛИ ОДЗЕМА, ВЕЛАТ ОД НОРВЕШКИОТ ИНСТИТУТ ПО НАЈАВИТЕ НА МАЧАДО ДЕКА ЌЕ МУ ЈА ДАДЕ НА ТРАМПВенецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо сугерираше дека би можела да му ја предаде својата награда за 2025 година на американскиот претседател Доналд Трамп. (Фото: Икс)

    Норвешкиот Нобелов институт соопшти дека Нобеловата награда за мир не може да биде пренесена, споделена или одземена. Оваа реакција доаѓа по изјавата на венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо, која сугерираше дека би можела да му ја предаде својата награда за 2025 година на американскиот претседател Доналд Трамп.

    Од Институтот велат дека одлуката за доделување на наградата е конечна и трајна, согласно статутот на Нобеловата фондација кој не дозволува жалби. Исто така, тие рекоа дека комитетот не ги коментира постапките или изјавите на лауреатите по примањето на признанието.

    „Откако ќе се објави Нобеловата награда, таа не може да биде отповикана, споделена или пренесена на други. Одлуката е конечна и важи засекогаш“, стои во соопштението на Норвешкиот Нобелов комитет и Норвешкиот Нобелов институт.

    Мачадо, во гостување на телевизијата „Фокс њуз“, изјави дека предавањето на наградата на Трамп би било чин на благодарност од венецуелскиот народ за соборувањето на Николас Мадуро, кој минатата недела беше приведен од страна на САД. Трамп, од своја страна, изјави дека би му било чест да ја прифати наградата доколку му биде понудена за време на најавената средба со Мачадо во Вашингтон следната недела.

    Марија Корина Мачадо е поранешна пратеничка на која властите лојални на Мадуро ѝ забранија учество на општите избори во Венецуела во 2024 година. Таа поддржа алтернативен кандидат за кој независните набљудувачи сметаат дека е вистинскиот победник на изборите, наспроти тврдењата на Мадуро за победа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира