САД започнаа нов бран воздушни напади во Иран откако Техеран погоди трговски брод што минувал низ Ормускиот теснец. Иранската исламска револуционерна гарда претходно соопшти дека овој воден пат се затвора до понатамошно известување, упатувајќи предупредување за остар одговор кон секоја американска воена акција.
По само неколку часа од американските воздушни удари, од гардата соопштија дека погодиле база на САД во Јордан. Во меѓувреме Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт и Бахреин беа под постојани напади со ракети и беспилотни летала од Иран. Оваа ескалација следува по неколку инциденти во текот на оваа недела, кога три комерцијални танкери беа цел на напади, по што почна меѓусебната размена на оган со американската војска.
Централната команда на САД соопшти дека ова е трета серија напади неделава, преземена бидејќи иранската гарда извршила директен напад врз брод што плови под кипарско знаме во Ормускиот теснец. Според командата, бродот претрпел сериозни оштетувања во машинскиот дел и немал можност да ја продолжи пловидбата, а еден цивилен член на екипажот се води како исчезнат.
Воените власти на Велика Британија за поморски трговски операции соопштија дека екипажот бил принуден да го напушти оштетениот брод и со чамци за спасување се наоѓа во морето. Во нападите на САД биле погодени 140 ирански воени цели, вклучувајќи локации за лансирање ракети и дронови, комуникациски мрежи и крајбрежни набљудувачки станици. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет соопшти дека Иран направил лош избор и дека сега ја плаќа цената.
Иранската гарда соопшти дека американските сили гаѓале повеќе нивни крајбрежни бази и телекомуникациски кули на јужниот брег. Како одговор на тоа, Иран ја активирал првата фаза од одмаздата со напади врз воздухопловната база во Јордан, тврдејќи дека целосно ги уништиле командниот центар и хангарите за беспилотни летала од типот МК9. Иранските државни медиуми пренесоа дека Ормускиот теснец бил затворен откако со крстосувачка ракета бил погоден брод кој се обидел да плови по неодобрена рута, игнорирајќи ги претходните предупредувања. Претседателот на иранскиот парламент и главен преговарач со САД, Мохамад Багер Галибаф, соопшти дека ерата на еднострани договори е завршена и дека реалноста веќе тропа на врата.



