Француските власти предупредуваат дека нов сој на коронавирусот во северозападниот регион Бретања не се детектира со стандардните ПЦР тестови. Иако е потежок за детектирање, првичните анализи на новиот сој не сугерираат дека предизвика потешка форма на болеста или дека има зголемена преносливост, велат од француското Министерство за здравство.
Светската здравствена организација го стави новиот сој во категоријата „под истрага“, поради тоа што не се детектира на ПЦР тестовите. Во оваа категорија на СЗО спаѓаат најголем дел од илјадниците соеви кои се појавуваат природно и најчесто само мал дел од нив претставуваат закана по јавното здравје, наспроти „загрижувачката“ категорија во која спаѓаат соевите најдени во Бразил, Британија и Јужна Африка.
Во Бретања е во тек длабинска истрага, откако осум случаи беа откриени како носители на сојот од вкупно 79 случаи. Пациенти во локална болница ги имале сите класични симптоми на ковид, но ПЦР тестовите им биле негативни. Генетскиот скрининг на примероците земени од овие пациенти покажал дека станува збор за нов сој на коронавирусот.
Во Франција има нов бран на случаи на коронавирус, а претседателот Емануел Макрон предупреди дека наскоро може повторно да бидат воведени строги мерки.