Московските аеродроми привремено ги суспендираа летовите утрово по извештаите дека десетици дронови го напаѓаат главниот град, само неколку дена откако тој се бранеше од најголемиот напад од почетокот на војната. Градоначалникот Сергеј Собјанин изјави дека противвоздушната одбрана пресретнала околу 80 украински дронови околу градот, при што итните служби реагирале на повеќе места каде што паднале дронови, но немало жртви.
Воздухопловните власти соопштија дека четирите аеродроми во Москва биле затворени на неколку часа од безбедносни причини, но сега одново работат.
Покрај Москва, мета на зачестени украински напади во последно време е и окупираниот полуостров Крим. Тамошните руски власти ја забранија продажбата на гориво на населението и тоа е достапно само за владините служби. Гувернерот Сергеј Аксјонов изјави дека четири лица загинале во украински напад на скалдиште за нафта во Керч.
Крим веќе се соочуваше со логистички тешкотии и недостиг, но ова е најзначајното ограничување на горивото досега. Властите, исто така, забранија организирани детски одмори на Крим до крајот на летото.



