Во Италија во последните 24 часа починале 760 луѓе од КОВИД-19, што е благ пораст во споредба со вчера.
Од почетокот на кризата, коронавирусот однесе 13.915 животи во Италија и само уште Шпанија има над 10.000 жртви, бројка која беше надмината денеска.
Италијанските здравствени власти сметаат дека ширењето на заразата полека го достигнува својот врв, бидејќи продолжува трендот на сѐ помалку новозаразени секој ден. Во последните 24 часа се регистрирани 4.668 нови случаи, а вкупната бројка досега изнесува 115.242, од кои 18.278 се излекувани.
„Првите позитивни знаци не значат дека опасноста поминала“, изјави министерот за здравство Роберто Сперанца.
Според шефот на Цивилната заштита Анџело Борели, 61% од заразените се во домашна изолација без симптоми или тие се благи.