НОВИ АНТИВЛАДИНИ ПРОТЕСТИ НА УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ВО ИРАН, СТУДЕНТИТЕ СЕ СОБРАА И ПОКРАЈ ЗАКАНАТА ОД ВОЕН КОНФЛИКТ СО САД

    НОВИ АНТИВЛАДИНИ ПРОТЕСТИ НА УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ВО ИРАН, СТУДЕНТИТЕ СЕ СОБРАА И ПОКРАЈ ЗАКАНАТА ОД ВОЕН КОНФЛИКТ СО САДОвие собири се организираат во чест на илјадниците жртви кои настрадаа за време на масовните јануарски протести. (Фото: Икс/принтскрин од видео)

    Студенти од неколку универзитети во Иран организираа масовни антивладини протести, што претставува прв поголем собир по минатомесечните жестоки пресметки со властите. Видеоснимки од кампусот на Технолошкиот универзитет „Шариф“ во Техеран потврдуваат дека демонстрантите марширале во саботата, при што дошло до физички пресметки со поддржувачи на власта.

    Покрај маршовите, на универзитетот „Шахид Бехешти“ во главниот град се одржа мирен протест со седење, додека на Технолошкиот универзитет „Амир Кабир“ беа забележани собири со извици против раководството на државата. Протести беа пријавени и во Машхад, вториот по големина град во Иран, каде студентите бараа поголеми права и слободи.

    Овие собири се организираат во чест на илјадниците жртви кои настрадаа за време на масовните јануарски протести. Според невладината организација „Храна“ со седиште во САД, потврдена е смртта на најмалку 6.159 лица во претходниот бран протести, додека официјален Техеран тврди дека бројот на загинати е над 3.100, при што мнозинството биле припадници на безбедносните сили.

    Новиот бран незадоволство доаѓа во време на зголемени тензии со САД. Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека разгледува можност за ограничен воен напад, додека американското воено присуство во близина на Иран постојано се зголемува. Иако претставници на двете земји неодамна остварија средба во Швајцарија за нуклеарната програма, Трамп изјави дека во следните десетина дена ќе се знае дали ќе се постигне договор или ќе се преземе воена акција.

    Додека дел од опозицијата во егзил бара од Трамп да ги оствари заканите за да се забрза падот на сегашната власт, други опозициски групи се против надворешна интервенција. Истовремено, на социјалните мрежи се води интензивна кампања со дезинформации од двете страни во обид да се наметне сопствениот наратив за барањата на иранскиот народ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира