Нови сателитски снимки објавени од „Максар“ и „Планет лабс“ ги покажуваат страшните размери на уништувањето во Газа, која речиси три недели е изложена на безмилосни бомбардирања. Станбени згради и цели населби се претворени во руини како резултат на израелските воздушни напади. Локалните власти велат дека досега загинале повеќе од 7.000 луѓе, од кои најголем дел се цивили.
Израел вети дека ќе го уништи Хамас, кој владее во Газа, како одмазда за нападот на 7 октомври, во кој се убиени 1.400 луѓе.
На сателитските снимки се гледа и градот Беит Ханун, кој се наоѓа покрај северната граница со Израел. Тој бил погоден над 100 пати уште во првите денови од воздушните напади, па денес бројни повеќекатници се срамнети со земја или се разурнати до неупотребливост.
Бидејќи воздушните напади траат деноноќно, целосните размери на уништувањето остануваат непознати. Снимките од населбата Ал Карамех во градот Газа покажуваат остатоци од голем број згради.
Според Обединетите нации, во 42% станбени објекти во Газа веќе не може да се живее, а на илјадници други има умерена штета. Се проценува дека меѓу 400.000 и еден милион Палестинци се без дом.