НОВИОТ, БРИТАНСКИ СОЈ НА КОРОНАВИРУСОТ МОЖЕБИ Е ПОСМРТОНОСЕН, ИЗЈАВИ ПРЕМИЕРОТ ЏОНСОН

    НОВИОТ, БРИТАНСКИ СОЈ НА КОРОНАВИРУСОТ МОЖЕБИ Е ПОСМРТОНОСЕН, ИЗЈАВИ ПРЕМИЕРОТ ЏОНСОННовиот сој првпат беше идентификуван во септември и во меѓувреме се прошири во мад 50 земји (Фото: Ројтерс)

    Рани докази сугерираат дека новиот сој на коронавирусот откриен во Велика Британија би можел да биде посмртоносен, објави премиерот Борис Џонсон. Податоците се анализираат од научниците од советничка група која ја брифира владата, но оттаму додаваат дека резултатите засега се во прелиминарна фаза.

    Досегашните истражувања покажаа дека новиот сој е попренослив од оригиналниот вирус, но немаше докази и дека е поопасен.

    Новиот сој првпат беше идентификуван во Кент во септември и во меѓувреме стана доминантна верзија на вирусот во Англија и Северна Ирска, а се прошири во уште 50 земји.

    „Покрај тоа што се шири побрзо, сега има некои докази и дека новата варијанта можеби се поврзува со повисока стапка на смртност. Токму поради новиот сој Националната здравствена служба се наоѓа под толку голем притисок“, изјави Џонсон.

    Доказите доаѓаат од математичките анализи на бројот на луѓето кои умираат од новиот и стариот сој, при што било утврдено дека новата варијанта предизвикува 30% поголема смртност. Главниот научен советник на владата Патрик Валанс вели дека досегашните докази за ова сѐ уште не се доволно силни, додавајќи дека поголема загриженост постои околу новите варијанти кои се појавија во Јужна Африка и Бразил.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира