Мајката на Пит Хегсет, кого Доналд Трамп го предложи за нов министер за одбрана на САД, рекла за својот син дека тој со години малтретирал жени и покажувал недостиг на карактер. Во разговор со „Њујорк тајмс“, Пенелопе Хегсет рекла дека пред неколку години му пратила мејл на својот син, во кој го замолила да побара професионална помош.
Прашањата за третманот на жени од страна на Хегсет се појавија во неделите откако Трамп го избра за министер и се очекува ова да биде предмет на расправа и на сослушувањата за негово потврдување во Сенатот.
Во октомври 2017, против Хегсет била поднесена и жалба за силување по инцидент на политичка конференција во Калифорнија, но никогаш не биле покренати обвиненија. Хегсет кажа дека лажно бил обвинет од жена со која има консензуален секс. Тој тајно ја исплатил неколку години подоцна, зашто, како што кажа неговиот адвокат, сакал да си ја задржи водителската улога на „Фокс њуз“.
Пенелопе Хегсет му пишала мејл на својот син во април 2018, кога тој бил среде разводот од втората сопруга Саманта. Таа побарала развод откако дознала дека тој забременил една колешка. И првиот брак на Хегсет се распаднал поради неговите неверства, според барањето за развод поднесено од Мередит Шварц.
Хегсет од 2019 е во брак со бившата колешка од „Фокс њуз“, Џенифер Рочет, со која доби бебе една година пред да се разведе од втората сопруга.
Неколкумина републикански сенатори кажаа дека обвинувањата за сексуален напад нема да бидат пречка Хегсет да биде потврден за министер зашто тие никогаш не биле докажани.