Новозеландската војска ја почна високо ризичната мисија на извлекување на телата на туристите кои загинаа во ерупцијата на вулканот на Вајт Ајленд во понеделникот. Таа беше одобрена иако беше предупредено дека во наредните 24 часа постојат 50-60% шанси за нова ерупција.
„Денеска е помалку безбедно од вчера и завчера“, изјави вулканологот Грем Лионард.
Се верува дека на островот се наоѓаат уште осум тела и полицијата кажа дека планира целата операција брзо да се изведе.
Досега е потврдено дека осум луѓе загинале, а 20 се наоѓаат на интензивна нега со сериозни изгореници. Некои од нив имаат толку тешки повреди што не можат да се идентификуваат. Се проценува дека се потребни 120 квадратни метри кожа за трансплантација.
Заменик командирот на полицијата Мајк Клемент изјави дека мисијата добила зелено светло од властите иако постои голем ризик вулканот повторно да еруптира, но во секој момент може да биде и откажана.
На островот ќе тргнат осуммина посебно опремени специјалисти на новозеландската војска кои ќе бидат изложени на голема опасност ако се случи нова ерупција. Набљудувачките летови досега ја лоцираа позицијата на само шест тела.