Жени низ цел Нов Зеланд денеска носат шамија во знак на солидарност со муслиманите, една недела откако 50 луѓе беа убиени во терористичкиот напад во две џамии во Крајстчрч.
Идејата потекнала од лекарка од Оукленд, која решила да охрабри жени да стават шамија, откако слушнала за жена која била преуплашена да ја носи, сметајќи дека ќе биде цел на напад.
„Сакав да кажам: ‘Ние сме со вас, сакаме да се чувствувате како дома на вашата сопствена улица, ве сакаме, поддржуваме и почитуваме‘“, изјави Таја Ашман.
На церемонии низ Нов Зеланд денеска се емитуваше исламски повик за молитва и се одржаа две минути молчење за да се одбележи една недела од најголемиот масакр во историјата на земјата.
„Срцата ни се скршени, но ние не сме скршени“, изјави имамот од Крајстчрч, Гамал Фоуда.
Премиерката Џасинда Ардерн беше пофалена низ цел свет откако стави црна шамија при првата посета на Крајстчрч по нападот.