Меѓународните обвинители за воени злосторства побараа 45 години затвор за поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, велејќи дека тој ги контролирал герилците на етничките Албанци.
Тачи и уште тројца поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово се обвинети за прогон, убиство, мачење и исчезнување на луѓе за време на војната во Косово во 1998 и 1999, која помогна некогашната југословенска покраина да се здобие со независност.
„Обвинетите извршиле злосторства против нивните противници за да ја преземат контролата врз целото Косово“, изјави обвинителката Кимберли Вест кон крајот на речиси тригодишното судење во Специјалниот суд за воени злосторства во Косово во Хог.
Таа додаде дека во 1998 и 1999 година биле убиени повеќе од 100 политички противници и претпоставени соработници на српските безбедносни сили, а стотици биле злоставувани во 50-ина логори управувани од ОВК.
Тачи (57), кој беше премиер, министер за надворешни работи и претседател на независно Косово меѓу 2008 и 2020 година и другите обвинети ги негираат сите обвиненија. Адвокатите на Тачи, кои треба да ги дадат своите завршни зборови в среда, претходно тврдеа дека Тачи немал вистинска власт над ОВК и нејзините воени команданти за време на војната и подоцна.
Обвинителите велат дека Тачи и другите водачи на ОВК воделе насилна кампања против политичките противници и етничките Срби и Роми за да добијат целосна контрола врз Косово. Според нив, повеќето жртви на прогонот биле припадници на албанското мнозинство во Косово.



