ОД ЕКСПЛОЗИЈАТА ВО БЕЈРУТ ЗАГИНАА 135 ЛУЃЕ, А 5.000 СЕ ПОВРЕДЕНИ, ЛИБАН ЌЕ ЗАГУБИ 15 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

    ОД ЕКСПЛОЗИЈАТА ВО БЕЈРУТ ЗАГИНАА 135 ЛУЃЕ, А 5.000 СЕ ПОВРЕДЕНИ, ЛИБАН ЌЕ ЗАГУБИ 15 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИВластите кажаа дека стотици илјади луѓе останаа без нивните домови, откако ударите ги уништиле фасадите на домовите, мебелот, а стаклата од прозорите се распрснале. (Фото: АП)

    Либанските спасувачки тимови сѐ уште бараат тела и исчезнати лица под урнататините од експлозијата на пристаништето во Бејрут, која уби најмалку 135 луѓе.  Голем дел од загинатите се лица кои работеле на пристаништето, во областа, но и оние кои се возеле во автомобил во близината. Моќната експлозија исфрлила и голем број тела во морето.

    Премиерот Хасан Диаб прогласи тридневна жалост, откако првичната истрага покажа дека масивната експлозија е предизвикана од небрежност, која доведе до тоа десетици лица да се водат за исчезнати, а повредени се над 5.000. Властите очекуваат бројката да расте.

    Властите кажаа дека стотици илјади луѓе останаа без нивните домови, откако ударите ги уништиле фасадите на домовите, мебелот, а стаклата од прозорите се распрснале.

    Гувернерот на Бејрут Марван Абуд, изјави дека колективните загуби од експлозијата може да достигнат дури и до 15 милијарди  долари, вклучително и индиректни загуби поврзани со бизнисот.

    „Ова е убиствен удар за Бејрут, ние сме зона на катастрофа“, рече 60-годишниот Либанец Билал.

    Преседателот Мишел Аун рече дека 2.750 тони амониум нитрат, што се користи за ѓубриво и за бомби, шест години бил складиран на пристаништето без мерки за безбедност, за што тој рече дека е неприфатливо.

    По итната седница, Владата нареди куќен притвор за неодреден број раководители на пристаништето, додека трае истрагата како 2.750 тони алуминиум нитрат, кој се користи за ѓубриво и бомби, шест години бил складиран на пристаништето без мерки за безбедност. Прогласена е и двонеделна вонредна состојба, со целосна моќ на војската во тој период.

    Јавниот обвинител нареди безбедносните служби да почнат итна истрага и да ги соберат извештаите и писмата во врска со материјалите складирани на пристаништето, како и да направат листа на луѓе кои биле одговорни за одржување, складирање и заштита на хангарот.

    Официјалните лица не ја потврдија причината за првичниот пожар што ја предизвика експлозијата, иако безбедносен извор како и локалните медиуми соопштија дека пожарот започнал од  заварување.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира