Товарниот авион „антонов-12“ кој летал за украинската карго авиокомпанија „Меридијан“ и кој се урна синоќа близу Кавала во северна Грција, летал од Србија кон Јордан соопштија грчките власти за цивилна авијација. Локалните жители пријавиле дека виделе огнена топка и слушале експлозии два часа по несреќата.
Грчките медиуми објавија дека во авионот имало осум лица и дека превезувал 12 тони „опасни материјали“, главно експлозиви. Но, локалните власти рекоа дека немаат конкретни информации за товарот и не кажаа точна бројка на патници. Не се зане дали има преживеани. Медиумите објавија и дека авионот полетал од Ниш за Аман, а превезувал српско оружје и воена опрема за Украина.
Засега нема официјален коментар ни од Украина, ни од Србија и Јордан.
Како мерка на претпазливост поради силна миризба на местото на несреќата, координативниот комитет составен од општински, полициски и службеници од противпожарната служба им препорача на жителите на двете населби најблиску до местото на несреќата цела ноќ да не отвораат прозорци, да не излегуваат од дома и да носат маски. Властите велат дека не знаат дали имало опасни хемикалии во авионот, меѓу кои и оние содржани во батерии.
Грчката управа за цивилно воздухопловство соопшти дека пилотот успеал да ги извести властите за проблем во еден од моторите на авионот и му бил даден избор да слета на аеродромите во Солун или во Кавала, а тој се одлучил за Кавала, која била поблиску, велејќи дека мора итно да слета.
Комуникацијата со авионот престанала речиси веднаш потоа. Авионот се урнал на околу 40 километри западно од аеродромот.
„Слушавме експлозии до пред неколку минути“, изјави Филипос Анастасијадис, градоначалник на Општината Пагајо, нешто повеќе од еден час по несреќата. „Јас сум на околу 300 метри од местото на несреќата“.
Еден од неговите заменици изјави за државната телевизија ЕРТ дека два часа по несреќата се слушале експлозии. Локалните жители пријавиле дека виделе огнена топка и облак чад пред несреќата.
ЕРТ објави дека армиски и експерти за експлозиви се на локацијата, која се наоѓа на обработливо земјиште во близина на две села кои се дел од општината Пагајо. Ќе им се придружат и експерти од грчката Комисија за атомска енергија, а теренот се испитува со дрон. Снимките покажуваат дека има мали остатоци од авионот.