ОДИМЕ ВО КОПНЕНА ОФАНЗИВА, ГАЗА ВЕЌЕ НЕМА ДА БИДЕ ТОА ШТО БЕШЕ, КАЖА ИЗРАЕЛСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА

    ОДИМЕ ВО КОПНЕНА ОФАНЗИВА, ГАЗА ВЕЌЕ НЕМА ДА БИДЕ ТОА ШТО БЕШЕ, КАЖА ИЗРАЕЛСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНАОд почетокот на нападот на Хамас во саботата наутро загинаа вкупно 2.150 луѓе (Фото: АП)

    Израел најави дека ќе ги засили нападите на Хамас со копнена офанзива, додека расте бројот на мртви на двете страни. Десетици израелски борбени авиони ноќеска погодија повеќе од 200 цели во населбата Ал-Фуркан, која се смета за упориште на палестинската милитантна група.

    Од почетокот на нападот на Хамас во саботата наутро загинаа вкупно 2.150 луѓе, од кои 1.200 во Израел и 950 во воздушните удари на Газа.

    Претрпевме крајно големи загуби. Сепак, тоа нема да нѐ одврати и нема да ја ослабне нашата решителност. Сцените што ќе доаѓаат од Газа ќе бидат потешки за справување“, изјави портпаролот на израелската војска Џонатан Конрикус.

    Портпаролот на Хамас изјави дека во ноќешните напади загинале најмалку 30 луѓе и ја потврди смртта на двајца свои високи функционери.

    Хамас сакаше промена и ќе ја добие. Газа веќе нема да биде она што беше. Почнавме офанзива од воздух, а потоа ќе тргнеме и од копно. Ја контролираме областа од вториот ден и сега сме во офанзива. Тоа само ќе се засили“, порача министерот за одбрана Јоав Галант.

    Весникот „Израел хајом“ објави дека се убиени најмалку 1.000 припадници Хамас кои влегле во земјата од Газа.

    Израелската војска кажа дека возвратила на артилериски оган од Либан и Сирија, што ги зголемува стравувањата дека конфликтот би можел да прерасне во поширока војна.

    Не знаеме дали проектилите биле испукани од сириските вооружени сили или од некоја од многуте ирански милиции кои го поддржуваат сирискиот режим“, изјави Конрикус.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира