Офицер на бразилската воена авијација кој патувал со претседателот Жаир Болсонаро на самитот на Г20 во Осака е уапсен во Шпанија, откако бил фатен со 39 килограми кокаин.
Тој е уапсен во Севилја, кадешто придружниот авион застанал на пат за Јапонија, објави Министерството за одбрана на Бразил.
„Триесет и осумгодишен офицер на воздушните сили осомничен дека превезувал наркотички супстанци е приведен на аеродромот во Севилја. Ги истражуваме фактите и е покрената воена истрага“, соопшти министерството.
Претседателот Болсонаро, кој летал со друг авион, бил информиран за инцидентот.
„Уапсениот офицер бил квалификуван пренесувач на дрога. Штом кај него било пронајдено толкаво количество дрога јасно е дека тој не застанал едноставно во некоја уличка и ја земал. Тој веќе го имал правено ова“, изјави потпретседателот на Бразил Хамилтон Мурао.