ОПЕРАЦИИТЕ ВО УКРАИНА СЕ ОДВИВААТ СПОРЕД ПЛАН, ВЕЛИ КРЕМЉ, ВЛАСТИТЕ НА ХЕРСОН ПРИЗНАВААТ ДЕКА СИТУАЦИЈАТА Е ТЕНЗИЧНА

    ОПЕРАЦИИТЕ ВО УКРАИНА СЕ ОДВИВААТ СПОРЕД ПЛАН, ВЕЛИ КРЕМЉ, ВЛАСТИТЕ НА ХЕРСОН ПРИЗНАВААТ ДЕКА СИТУАЦИЈАТА Е ТЕНЗИЧНАКиев тврди дека ја пробил првата линија на непријателската одбрана (Фото: Укринформ)

    Кремљ инсистира дека таканаречената специјална воена операција во Украина се одвива според план, и покрај извештаите дека украинските трупи тргнале во противофанзива на југот на земјата.

    „Специјалната воена операција продолжува. Продолжува методично и во согласност со нашите сегашни планови. Сите цели ќе бидат исполнети“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

    Проруската управа во окупираниот Херсон соопшти дека ситуацијата во регионот е тензична.

    „Во изминатите два дена имаше повеќе од 15 ракетни напади. Тоа не беа единечни удари, туку серија од удари. Може да се каже дека околу 100 проектили го погодија градот“, изјави прорускиот гувернер Владимир Леонтјев.

    Иако до независно потврдени информации од бојното поле се доаѓа многу тешко, британското министерство за одбрана соопшти дека неколку бригади на украинската војска го засилиле артилерискиот оган на југот и со прецизни удари со долг дострел го нарушуваат руското снабдување. Од кабинетот на претседателот Зеленски кажаа дека „тешки борби се водат низ целата стратешка област“, додавајќи дека се уништени бројни руски складишта на муниција и сите поголеми мостови преку реката Днепар.

    „Најважната работа е украинското гранатирање на мостовите, кои руската војска веќе не може да ги користи. Дури и товарни бродови се уништени“, вели украинскиот воен аналитичар Олег Жданов.

    Киев тврди дека ја пробил првата линија на непријателската одбрана.

    „Русија има поставено три линии на одбрана во Херсон и пробивањето на првата укажува само на изолирани офанзивни дејства на украинската војска“, смета Жданов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира